(ВИДЕО) Пилот од Втората светска војна, на 102 години полета со „Спитфајер“

На 102-годишна возраст, поранешниот пилот на британското Кралско воздухопловство, Џек Хемингс,  полета со историскиот авион „Спитфајер“ од Втората светска војна, пренесува The Sun.
Хемингс бил ескадрилен предводник на британските сили за време на војната, а колку што се знае, тој е најстариот пилот кој управувал со тој модел на авион. Пилотот Бери Хјуз, кој бил со Хемингс за време на вчерашниот лет, рекол дека неговиот поискусен колега има природна дарба.
– Не му требаа никакви инструкции, тој само го презеде леталото, направи неколку вртења и основни маневри и си ја заврши работата. Мислам дека навистина уживаше во секој миг на летот – изјавил Хјуз.
Воениот ветеран никогаш претходно не управувал со „Спитфајер“, но летал со други авиони. Тој истакнал дека е „апсолутно волшебно“ да се биде зад воланот, иако летот бил непредвидлив.
– Искрено, сѐ беше малку „’рѓосано“, што не изненадува бидејќи и јас сум „рѓосан“ – се пошегува Хемингс.
Неговиот 20-минутен лет во јужна Англија имал за цел да собере пари за добротворното друштво што го основал пред 80 години.

Извор