Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека не треба да се повлече Законот за рестриктивни мерки. Тој ја даде својата поддршка за носење на овој Закон и посочи дека стратешкото партнерство со САД е значајно за развој на македонското општество.
-Таквиот Закон за рестриктивни мерки како и измена на други законски решенија кои ќе бидат во функција на тоа да се преземаат и конкретни мерки за личности, правни и физички лица кои се на црна листа на САД и Обединето Кралство, треба да постои. Претходната Влада изрази јасна политичка волја во однос на носење на законското решение затоа што стратешките партнери, САД се наши стратешки партнери, изјави денеска Спасовски за Канал 5.
Тој подвлече дека не можеме да бидеме стратешки партнери кога треба да имаме одредени права или да остваруваме наши цели. Како што рече, Владата мора да покаже политичка волја во овој дел.
-Тоа е взаемен однос и тоа треба да го покажеме. Според мене не треба да се повлече. Сметам дека ако е причината некаква доработка или треба да се направи анализа кои други законски решенија треба да се сменат, тоа треба да се направи, да се уреди целосно процедурата која треба да биде низ овие постапки. Но, едно е јасно, стратешкото партнерство е најсилно и многу значајно за развој на македонското општество, додаде Спасовски.