ЕУ бара Приштина да воведе преоден рок за забраната за употреба на српскиот динар во Косово

ЕУ повикува на воведување доволно долг преоден рок за примена на одлуката на Централната банка во Приштина за забрана на користењето на други валути во Косово освен еврото, со цел да се најде решение за ова прашање по пат на преговори, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во однос на писмото на амбасадорите на „Квинтата“ упатено до косовскиот премиер Албин Курти со кое се бара одлагање на примената на оваа одлука, што треба да стапи во сила на 1 февруари, Стано истакна дека ЕУ е свесна за последиците што таа ќе ги има врз припадниците на српската заедница во Косово.

– Оваа одлука ќе има влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои примаат плати или финансиска помош од Србија во српски динари. Затоа имајќи ги предвид потенцијалните последици од оваа одлука врз процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, очекуваме дека оние аспекти кои се однесуваат на српската заедница ќе бидат опфатени со дијалогот што се води со посредство на ЕУ, изјави Стано.

Прочитајте и:  Османи: Тактиките на Србија за дестабилизација нема да ја сменат неповратната реалност на Косово

Во врска со целта на денешната посета на специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак на Србија и на утрешната на Косово, Стано истакна дека неговиот мандат е да ги забрза разговорите меѓу двете страни, па затоа тој е во интеракција со партнерите во регионот, со членките на ЕУ и со меѓународната заедница.

– Неговите денешните разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград и утрешните со косовските партнери во Приштина, се дел од неговиот мандат и неговата работа да го поттикне дијалогот, рече Стано.

- Реклама -