Ирска предлага „кафето на Орбан“ да биде модел за надминување на блокадите во ЕУ

Европската Унија треба да смисли „креативни начини“, како што е моделот на „конструктивна апстиненција“, за да избегне запаѓање во ќор сокак кога не може да се постигне единство при носењето одлуки за чие усвојување е потребен консензус, смета ирскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Мајкл Мартин.

– Постојат креативни начини преку кои можеме да го олесниме ефикасното носење одлуки, изјави Мартин.

Според него, еден од тие начини е „конструктивната апстиненција“, кога една земја членка се воздржува од гласање за одреден предлог со кој не се согласува, наместо да гласа против, со што не го блокира неговото усвојување.

– Тоа е креативен начин да и се дозволи на една земја да остане на својата позиција, без да се блокираат огромното мнозинство земјите членки на ЕУ да го сторат она за што веруваат дека е исправно, изјави Мартин во обраќање на панел во организација на тинк-тенкот „Жак Делор“ во Берлин.

Веќе стана легендарно „кафето на Орбан“, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на декемврискиот Самит на ЕУ „замина да се напие кафе“ при гласањето за старт на преговорите за членство на Украина во Унијата, со што и покрај искажаното противење на ваквото решение, не ја блокираше одлуката.

На истиот принцип, според дипломатски извори, и шпанските претставници се решиле на „конструктивна апстиненција“ за да не ја блокираат иницијативата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за формирање специјална европска мисија за заштита на трговските бродови од нападите на јеменските Хути во Црвеното Море, иако Шпанија изрази резерва кон ваквата идеја.

Прочитајте и:  Русија го преименуваше „Одделот за паневропска соработка“ во „Оддел за европски проблеми“

Според Мартин, примената на овие „креативни методи“ е многу попрактично решение отколку пристапувањето кон промена на Договорот за функционирање на ЕУ, имајќи ја предвид сложената процедура за тоа во некои земји членки, меѓу кои е и Ирска, каде би било потребно одржување референдум.

Германија веќе ја промовираше идејата во рамки на планот за „институционални реформи на ЕУ“ пред приемот на нови членки за промена на начинот на носење одлуки наместо со консензус со квалификувано мнозинство. За таа цел Берлин дури лани ја лансираше и „Групата на пријатели за гласање со квалификувано мнозинство во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“.

Меѓутоа, некои од помалите земји членки не се наклонети на ваквата идеја, стравувајќи од мајоризација од страна на поголемите држава и губење на нивната моќ при носењето одлуки, бидејќи би се „намалила тежината на нивниот глас“.

Ирска, иако спаѓа во помалите земји, сепак се приклучи кон германската „Група на пријатели за гласање со квалификувано мнозинство“ и ја поддржува ваквата идеја.

- Реклама -