„Системот многу брзо и ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот со убиството на малата Вања и на Панче и при тоа се откриени сторителите на ова грозоморно убиство. За двата случаја се постапуваше веднаш по пријавите за исчезнување на лице. Во тој момент почнаат сите постапки и се активираа сите механизми и врз основа на низата криминалистички мерки кои се преземени се откриени сторителите“, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Можно е да имаме и проширување на истрагата со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. Важно е да се утврдат сите аспекти, да се обезбедат сите докази за да се потврди она што го имаме како сомнение“, рече Спасовски во интервју за ТВ Канал 5.
Тој посочи дека МВР целосно го има завршено својот дел во оваа фаза на разоткривање на грозоморното убиство и додаде дека и во иднина ќе постапува на барање на јавниот обвинител кој ќе ја води истрагата. Нагласи дека во кривичната пријава што ја поднело МВР, која е на 100-тина страни, се содржани сите докази што се обезбедени.
„Има многу аспекти во криминалистичката истрага кои согласно постапувањата по сите стандардни и оперативни процедури значат и обезбедување на доказите со кои практично ќе се потврди или се потврдува инволвираноста на сите кои во моментов се осомничени и за кои се поднесени кривичните пријави. Се анализираат 70-тина камери од кои се извадени нивните записи кои се вештачат и се доставени или се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50-тина снимки кои се изведени од ‘Сејф сити’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка“, рече Спасовски.
Тој додаде дека нов момент е што од Турција е побарано да се достават дактилоскопските податоци, папиларните линии, и тие се доставени и ќе бидат предадени во Јавното обвинителство и се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа.
Спасовски не очекува да има проблеми во екстрадицијата на првоосомничениот за двојното убиство од Турција и вели дека е убеден дека тој процес ќе тече најбрзо што може.