Српскиот претседател во 43 дена изборна кампања во државата се обратил директно 41 пат, јавија белградски медиуми повикувајќи се на порталот Вистиномер.
Тој и денеска во последниот ден од кампањата пред изборниот молк ќе се обрати до јавноста од уште четири места, според денешните најави.
Со денешните четири најавени обраќања, и гостување утрово на К1, тоа ќе биде вкупно 46 негови обраќања за 44 денови, јави Н1.
Изборниот молк во Србија почнува вечерва на полноќ, а ќе трае до 20 часот в недела на 17 декември, кога завршува гласањето на парламентарните, покраинските и локалните избори, односно кога се затвораат избирачките места, јави Бета.
На 8.273 избирачки места своето право на глас на парламентарните избори ќе можат да го остварат 6.500.165 запишани избирачи.
Право на глас на покраинските избори во Војводина имаат 1.669.734 граѓани, а на белградските 1.613.190 гласачи.
На републичките избори гласачите ќе можат да избираат од 18 листи со вкупно 2.817 предложени кандидати за 250 пратенички места.
Утврдени се 13 изборни листи за покраински избори, 14 за избори за градско собрание на Белград, а локални избори ќе се организираат во вкупно 65 градови и општини.