ИНТЕРПОЛ издаде потерница по Радоичиќ поради нападот во северно Косово на 24 септември

Меѓународната полициска организација ИНТЕРПОЛ издаде налог за апсење на поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, во врска со вооружениот напад во Бањска во северно Косово на 24 септември годинава.

Веста за Радио Слободна Европа ја потврди министерот за заедници и враќање во Владата на Косово, Ненад Рашиќ.

Според Рашиќ, налогот е издаден со посредство на мисијата на Обединетите нации во Косово, УНИМК, врз основа на барање на Министерството за внатрешни работи на Косово. Поради тоа што Косово не е членка на Интерпол, меѓународни потерници се издаваат на овој начин.

На 24 септември вооружена група Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска кај Звечане, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку.

Во вооружените судири што уследија истиот ден беа убиени уште тројца српски напаѓачи.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател Српска листа.

Радоичиќ беше сослушан од српското обвинителство во октомври и обвинет за неколку дела, вклучително и трговија со оружје и предизвикување општа опасност. Меѓутоа, судот во Белград го ослободи од притвор, но му ги одзеде патните исправи.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Преку јавното писмо што неговиот адвокат го прочита на 29 септември, Радоичиќ рече дека „лично“ го организирал вооружениот бунт на северот на Косово.

Тој ја негираше одговорноста на српските државни органи за нападот.

Косовските власти го обвинија српскиот државен врв за нападот во Бањска, додека Србија негираше вмешаност и ги посочи како организатори и изведувачи косовските Срби, незадоволни од однесувањето кон нив на Владата на Албин Курти.

Во интервју за Радио слободна Европа на 29 септември, министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља рече дека неговото Министерство ќе побара екстрадиција од Србија во Косово „на сите оние кои биле вклучени во планирањето и реализација на терористичката акција“ во Бањска.

Според Свечља истрагите покажале дека во нападот во Бањска биле вклучени „над 80 терористи“.

Медиумите во Србија објавија дека ИНТЕРПОЛ распишал потерници по уште 11 лица, но РСЕ не можела да ја потврди информацијата.

- Реклама -