МВР најостро демантира дека имало обид за грабнување на деца во Карбинци: „Младо машко лице поканило ученичка да одат на кафе“

Градоначалникот на Општина Карбинци денеска изјави дека во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци утрово имало обид за грабнување на две деца од шесто и деветто одделение. МВР, пак, најостро ги демантира овие информации и посочува дека околу 09:30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе. Таа, според полициското соопштение, веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката.

-Во овој немил настан којшто се случил ова утро некаде после 9:30 часот имало обид за грабнување на две деца односно двајца ученици од ОУ „Страшо Пинџур“ овде во Карбинци. Она што го имам како информации од персоналот на училиштето и од распитот со инспекторите дека имало таков обид, се обиделе оние грабнувачи да ги воведат децата во возилото кое што влегло до почетокот на дворот. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на расчистување односно на утврдување на регистарската таблица на самото возило, изјави градоначалникот на Општина Карбинци Паунов.

Тој објаснува дека настанот се случил после 9 и 30 часот, после третиот час и траел неколку минути.

-Од она што ние успеавме на камерите да го видиме и да го земеме како доказ од страна персоналот којшто во тој момент тука се движеле, децата кои што биле наводни жртви се едното од шесто одделение, другото деветто оделение, рече Паунов. За мотивот вели дека остава на полицијата да го открие и да ја расветли целата случка.

Тој апелира да нема вознемиреност кај родителите и на сите оние кои се движат во овој дел, но исто така упати апел и до МВР и до СВР Штип да биде зголемена бебзедноста на овој дел на Општина Карбинци, барем кај училиштата затоа што во последните години нема полициско обезбедување.

-Не сме имале досега вакви случувања и затоа алармирам полицијата најсериозно да ја сфати оваа работа да не се случи никогаш повече ова или, пак, да имаме посериозни последици, вели Паунов изразувајќи надеж дека контролата од полицијата ќе биде зголемена.

Според него, децата се добро, родителите се информирани и исто така објаснета е целата ситуација.

Прашан за обезбедување дополнителни безбедносни мерки, градоначалникот на Карбинци вели дека дворот на основното училиште е максимално обезбеден и се користи само за превезување на учениците со возила на училиштето.

-Затоа лицето дошло до влезот на училиштето, не дошло до крајот на училишниот двор, така што сметам дека и безбедноста на самото училиште и ние тука како општина ќе направиме максимални напори меѓутоа МВР морално е да постави служби барем кај училиштата кога децата одат на училиште и кога се враќаат од уиличте затоа што вакви случаеви се многу почести во нашата држава, изјави Паунов.

Во училиштето се создала паника, но објаснета е целата ситуација и да не се крева паника.

-Паниката треба да ја креваат институциите, рече Паунов.

Полицијата е присутна во училиштето, а таму пристигна и тим од Центарот за социјални работи Штип.

МВР најостро ги демантира „шпекулациите“ кои, како што наведува, денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци.

Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот, се посочува во соопштението.

Од МВР нагласуваат дека пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции, се наведува во соопштението од МВР.

Извор: МИА

- Реклама -