Франција го замрзна имотот на лидерот на Хамас во Газа кој се смета за организатор на нападот од 7 октомври

Франција денеска на шест месеци го замрзна имотот на лидерот на Хамас во Газа Јахја Синуар, кој се смета за организатор на нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинското милитантно движење.

„Фондовите и економските ресурси кои припаѓаат, ги поседува, чува или контролира Јахја Синуар… се предмет на мерки за замрзнување на имотот“, се вели во одлуката на француската Влада од 30 ноември, која стапува на сила денеска.

Министерството за финансии не беше достапно да го прецизира износот на замрзнатите средства, пишува „Фигаро“. Со слична одлука на Министерството за финансии во Берси, донесена на 13 ноември, имотот на Мухамед Деиф, кој е на чело на военото крило на Хамас и се наоѓа на американската листа на најбарани меѓународни терористи од 2015 година, е замрзнат на половина година.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бон во ноември побара воведување европски санкции против водечките функционери на Хамас, главно финансиски, кои би можеле да бидат во форма на замрзнување на имотот.

МИА

- Реклама -