Како да се разговара со децата, учениците по грозоморното убиство-Меѓаши пренесува стручни совети

Последниот грозоморен настан предизвика различни емоции кај сите, особено кај децата, емоции како што се чувство на страв, тага, неверување, паника и особено страв и вознемиреност за себе, за сопствената безбедност во семејството, во училиштето и безбедноста на најблиските, за довербата во најблиските и границите…

Во овие моменти важно е да разговарате со детето/децата, да не избегнувате разговор и да не оставате простор за дезинформации. Еден од пристапите може да биде дека ви е важно да знаете како се чувствува, што знае, кои информации ги има и што сака да знае, да ве праша. Може и да нацрта, цртеж, да напише состав, оставете му слобода да се изрази како му е најлесно. Прифатете доколку не сака да разговара но бидете јасни дека сте тука, во секое време. Кажете му дека е сосем разбирливо што така се чувствува, дека сите се плашат кога се во опасност и дека тоа е природна реакција. Бидете искрени во комуникацијата, споделете ги и вашите чувства и дека сте безбедни. Објаснете му на детето дека ова е изолиран случај, еден и единствен и дека сега е безбедно.

Следете го однесувањето на вашето дете, треба да знае дека секогаш сте тука за него и доколку е премногу исплашено, во паника, бесно, луто или повлечено, побарајте стручна помош.

Поразговарајте и за можните апликации за следење на движењето како алатка што може да помогне во случај на загрозена безбедност. При тоа секако прашајте што мисли тој/таа за тие апликации и да ги има на својот телефон, како би се чувствувал/а, можете и заедно да ги разгледате опциите. Кажете му дека не станува збор за немање доверба каде се движи и оди, туку ви е важно да знаете дека доколку има потреба од вас ќе ја имате како помошна алатка.
Повелете и насоките за училиштата, наставниците и стручните соработници по повод киднапирањето и убиството на девојчето Вања Ѓорчевска, подготвени од гимназијата ,,Орце Николов“, Ана Попризова психолог и надворешна соработничка на Детската амбасада МЕЃАШИ:

Овие насоки се со цел како да се постапува во училиштата за да се постигне нормализација на состојбите по овој критичен настан, како превенција од ескалирање на кризата.

Клучните поенти во оваа интервенција се дека:
1. Настанот е изолиран случај
2. Сторителите се познати се преземаат дејствија тие да одговараат
3. На секој од нас е да се справиме со вознемиреноста и загубата за залудно изгубен живот и да им помогнеме на децата полесно да се справат.
● Како реакција на трагичниот настан со убиството на Вања Ѓорчевска, се препорачува училиштата да преземат активности чиј приоритет е да се намали чувството на вознемиреност и загрозеност кај децата и адолесцентите.
● На секој час наставниците да одвојат време и да им овозможат на учениците да поразговараат за случувањата.
● Да се придржуваат до потврдени информации од релевантни извори. Децата и возрасните не трреба да влегуваат во улога на истражители, бидејќи на тој начин, се зголемуваат шпекулациите и се зголемува анксиозноста и чувството на загрозеност. Клучно е тоа што децата се вознемирени и треба да се адресира исклучиво нивната вознемиреност и како таа да се намали. Нужно е на учениците да им се укаже дека станува збор за исклучително редок случај, поврзан со криминални активности, што никако не ги доведува во опасност сите деца и адолесценти. Односно, безбедноста на децата во Македонија не е загрозена.
● Како превенција за тоа што може да следи во однос на шпекулациите и информациите што ќе се пласираат во јавноста: учениците и возрасните треба да се подготват дека што и да слушнат во иднина како детали, сликата за целиот настан останува иста, а тоа е дека е извршено грозоморно убиство кое се расчистува, сторителите се познати и ќе одговараат. Се што ќе следи ќе бидат детали кои може да бидат и уште повознемирувачки и треба да знаеме како да се одбраниме од нивното дејство.
● На учениците треба да им се овозможи да ги искажат нивните емоции во контролирана и поддржувачка средина. На секое дете што чувствува потреба или сака повеќе да разговара во врска со овие случувања, да му се даде можност кому и каде да се обрати, во и надвор од училиште.
● Денес и утре, часовите треба да се организираат на начин што приоритет треба да се даде на психосоцијалната поддршка на децата и адолесцентите. Нужно треба да се има предвид вознемираеноста на децата. Оттука, се препорачува:
○ да не се одржуваат тестови
○ во договор со децата, часовите да вклучат и други содржини и активности
○ во секоја предложена актовност, учеството на децата нужно треба да биде доброволна.
● Се препорачува во училишниот хол да се стави „Кутијата на чувства“ во која учениците ќе оставаат писмени пораки на жалост и ќе можат да ги изразат своите чувства.● Се препорачува училиштата, преку наставниците и стручните соработници до родителите да пратат насоки за пружање помош на своите деца.

Насоки за родителите
● Да поразговараат со своите деца за случувањата и да им овозможат ним да ги искажат своите размислувања и чувства.
● Да се придржуваат до потврдени информации од релевантни извори. Децата и возрасните не трреба да влегуваат во улога на истражители, бидејќи на тој начин, се зголемуваат шпекулациите и се зголемува анксиозноста и чувството на загрозеност. Клучно е тоа што децата се вознемирени и треба да се адресира исклучиво нивната вознемиреност и како таа да се намали. Нужно е на децата да им се укаже дека станува збор за исклучително редок случај, поврзан со криминални активности, што никако не ги доведува во опасност сите деца и адолесценти. Односно, безбедноста на децата во Македонија не е загрозена.
● Како превенција за тоа што може да следи во однос на шпекулациите и информациите што ќе се пласираат во јавноста: децата и возрасните треба да се подготват дека што и да слушнат во иднина како детали, сликата за целиот настан останува иста, а тоа е дека е извршено грозоморно убиство кое се расчистува, сторителите се познати и ќе одговараат.
● Доколку некои деца чувствуваат потреба или сакаат повеќе да разговараат во врска со овие случувања, или се повеќе вознемирени, да се обратат до училишниот психолог за консултација.

извор:Меѓаши

Најновата емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Тема: ПЕНЗИОНЕРИ | Гостинка: Живка Матевска

Извор

- Реклама -