МВР ги демантира објавите дека е најдено 14-годишното девојче

Министерството за внатрешни работи (МВР) ги демантира дезинформациите дека 14-годишната В.Ѓ., за која на 27 овој месец беше пријавено дека исчезнала, наводно е пронајдена во соседна држава.

„Ги демантираме дезинформациите објавени на порталот ‘Курир’. Станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни ‘извори од истрагата’, а притоа со Одделот за односи со јавност при МВР воопшто не ја направи задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од родителите на малолетничката да не се пласираат дезинформации со кои може да се наштети на истрагата“, соопштија од МВР.

Оттаму потсетуваат дека за решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.

Како што потенцираат, податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол.

Од МВР појаснуваат дека истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето.

„Министерството за внатрешни работи, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистинитиот текст секаде каде што е објавен да биде повлечен. Во спротивно ќе ги користи сите законски расположливи средства кои стојат на располагање“, велат во нивното соопштение.

Воедно, апелираат да не се шират дезинформации и посочуваат дека постојано ќе ја информираат јавноста се до пронаоѓање на малолетничката.

МИА

- Реклама -