На вчерашниот Самит Канада – Европска Унија беше ветена „непоколеблива“ поддршка за Украина во нејзината борба против руската инвазија.
– Ќе бидеме со Украина колку што ќе биде потребно. Ќе работиме на исполнување на непосредните воени и одбранбени потреби на Украина и ќе обезбедиме дека ќе бидат исполнети и нејзините „долгорочни безбедносни потреби, се наведува во заедничкото соопштение на канадскиот премиер Џастин Трудо, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Трудо најави и донација за Украина од 11.000 пушки и над девет милиони куршуми. Од почетокот на руската инвазија, Канада се обврза дека воено ќе ја помогне Украина во вредност од 2,4 милијарди канадски долари (1,34 милијарди евра).
На Самитот, Мишел посочи дека ЕУ е подготвена „да направи уште повеќе во следните недели“ во поддршката на Украина.
Додека Лајен најави дека набрзо ќе биде објавено како ќе се користат средствата запленети од Русија.
Канада и ЕУ исто така објавија дека преземаат чекори кон нови партнерства во областа на „зелената енергија“, „дигиталната трансформација“ и финансирањето на истражувањата.
Канада, исто така, постигна договор за изградба и испорака на авиони за гаснење пожари во ЕУ.
Тројцата лидери се состанаа во најисточната провинција на Канада како дел од самитот Канада-ЕУ. Претходниот беше во јуни 2021 година во Брисел.
МИА