Апасиев: Со сељаците треба сељачки, со дивјаците дивјачки… ние сме спремни на сè

„Со сељаците треба сељачки, со силеџиите силеџиски, со дивјаците дивјачки. Нашето беше варварство, во споредба со нивното дивеење. Ниту една техника не е повредна од уставното право на пратеникот да поднесе амандман“, изјави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вчера во интервју за порталот „А1он“, еден ден откако се случија инцидентите со оштетување на техника и фрлањето на амандманите во Собранието.

Апасиев рече дека собранискиот спикер нема право да утврдува уредност на амандманите, споредено со, на пример, референдумската иницијатива, каде може да се даде забелешка дури и за запирка.

„Пратеник по Устав и по Деловник има право да поднесе амандмани. Нема ограничување на број, нема ограничување на структура и така натаму… пишува дека треба да има нормативен предлог текст и образложение, сето тоа ние го имавме. Оние амандмани кои ги прифатија од службите на Таљат, тие се рачно пишувани. И сега тие се уредни амандмани, нашите не биле уредни, па си одбрал тој 12 таму. На овој султанат, ние повлековме црвена линија. Ова е акумулиран гнев кој ние го гаиме уште од почетокот. Тој терорист кој не одговараше за Хашките случаи мора да знае дека веќе нема играчка со Левица и ова ќе се повторува, ви гарантирам, на секој еден фрлен амандман на Левица. Мора да сфати дека уставното право ние ќе го користиме максимално и тој не смее да задира во нешто што е уставно право на пратеник. Не Таљат, свети Таљат нека е. Ова е црвената линија и после ова ќе бидеме уште по радикални. Ова е само одговор на нивното дивјаштво. Оттука нема простор за морализација“, рече Апасиев.

Прочитајте и:  ПП Левица: Владите на ДПМНЕ и СДС намерно ги пропаѓаат Македонски пошти

Носењето на деловникот тој го оцени како кривично дело, и подвлече дека македонскиот парламент е единствен на Балканот кој има забрането филибастеринг.

„Ова е злоупотреба на службена положба и овластување затоа што се работи за повреда на туѓо право. Веќе не разговараме со него, нема што да си кажеме. Ова е начинот на кој ние со сељаците во Собранието ќе разговараме. Вчера се случи силување на парламентарната демократија. Вие кога имате право на филибастер, а некој ви ги фрла амандманите, што ви останува друго да правите. Нема никакви правни средства и тогаш, согласно принципите на природното право, се враќаме во преддржавна состојба, тогаш важи законот на џунглата. Сакате сила, ќе добиете сила. Ние сме спремни на сè“, рече Апасиев и потсети дека сето Левица го прави со двајца пратеници, додека по изборите, вели, ќе бидат многу повеќе од двајца.

За материјалната штета, Апасиев рече дека ќе ја платат откако Арбер Адеми ќе плати за штетата во салата „Борис Трајковски“. За тоа што со чевел им ставаше „печат“ на амандманите, Апасиев потсети дека тоа било пародизација на процесот.

„Кога си ставен во ќош, не ти останува ништо друго освен да го пародизираш процесот. Со ова им ставивме дамка на нешто што требаше да биде Жан Моне процесот, за нешто што сега ќе одат во Париз, ќе чукаат шампањ. Овие се силеџии, ДПМНЕ и СДС се нивни слуги“, рече Апасиев, со порака дека „единствена македонска опозиција која го чува дигнитетот е Левица“.

Извор

- Реклама -