Столтенберг: Преспанскиот договор не беше лесен, но беше добар за Северна Македонија, регионот и НАТО

„Засега посетив партнерски земји, Босна и Херцеговина, Србија и секако Косово, а сега сум во НАТО сојузник, земја којашто е членка на НАТО и сосема е природно ова да биде местото каде што ќе го одржиме тој голем состанок со шефовите на држави и влади од другите НАТО сојузници во регионот. Ова е всушност признание за важноста на улогата што Северна Македонија ја игра во оваа Алијанса и покажува колку ние го цениме фактот дека вие сте полноправна членка“, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција вечерва со премиерот Димитар Ковачевски.

На новинарско прашање за причината на неговото обраќање пред Собранието само во Скопје, по неговата турнеја во неколку земји од Западен Балкан, и дали е ова некоја своевидна порака во пресрет на процесот на менување на Уставот, и каква порака испраќа со тоа што лидерскиот состанок се случува токму во Скопје, Столтенберг рече дека и претходно се обратил, но првпат се обраќа во Парламентот додека сме полноправна земја-членка.

„Ја покажува важноста на земјава како мошне ценет сојузник на НАТО и го поздравувам фактот дека Владата и Собранието се подготвени да ме пречекаат мене, но и да го одржат Самитот утре со лидерите од сојузничките на НАТО во регионот“, посочи тој.

Истакна дека го следи целиот процес со измените и ја поздрави земјава за, како што рече, храброста и за мудроста којашто била потребна и којашто ја покажала за да стане полноправна членка на Алијансата.

„Преспанскиот договор не беше лесен, но беше добар за Северна Македонија, беше добар за целиот регион и беше добар за НАТО. Тука се работи за безбедност, но таа безбедност помага да се промовира просперитетот, а со стабилност и просперитет секако има многу повеќе инвестиции, многу повеќе работни места и многу повеќе странски директни инвестиции во Северна Македонија. Тоа е нешто помеѓу безбедноста и просперитетот, што мислам дека беше покажано со фактот дека вие сега сте полноправна земја членка на Алијансата“, изјави Столтенберг.

„Сојузниците во НАТО гарантираат за безбедноста на Северна Македонија. Во изминатите три години по вашето членство во НАТО видовте повеќе странски инвестиции, зголемен раст и повеќе работни места. Мирот и стабилноста се предуслов за економски просперитет“, рече Столтенберг подоцна во обраќањето во македонското Собрание.

Членството во НАТО, истакна тој, е есенцијалната и суштинска меѓа кон членството во ЕУ.

„Патот до членството во НАТО беше долг и полн со предизвици. Вашата држава се одлучи да биде дел од НАТО пред 30 години. Ваквото патешествие бараше истрајност, одлучност и посветеност на реформи. Со политичка храброст и визија успеавте да постигнете историски компромис со Грција. Преспанскиот договор го овозможи членството во НАТО. Истиот договор придонесе и во добрососедските односи за посветла иднина на народот на Северна Македонија. Во март 2020 година, конечно ја постигнавте вашата амбиција и станавте полнправна членка на НАТО“, рече Столтенберг, додавајќи дека членството на земјава во НАТО „било поздравено како светло во темнината“. Дури и во првите денови, според него, придобивките од членството за државата биле очигледни.

„Денес сојузниците во НАТО гарантираат за безбедноста на Северна Македонија. Сојузниците стојат рамо до рамо да заштитат и да се одбрнаат од другите“, додаде генералниот секретар на алијансата.

Извор: МИА

- Реклама -