Маричиќ: Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ

„Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа партија кои решија свесно, со политичка одлука, да ја блокираат својата држава во натамошниот тек на преговорите“, рече денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој оцени дека засега нема изгледи да се донесат уставните измени, но владејачката коалиција не се откажува и ќе продолжи до последниот ден од мандатот на овој собраниски состав да разговара и да ги убедува колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат државата и на дело да покажат дека навистина се за ЕУ.

Според Маричиќ, од декемврискиот Самит на ЕУ се очекуваат охрабрувачки пораки, но не може да се очекува, како што рече, нешто спротивно од напишаното во Преговарачката рамка и од она што на земјава „ѝ е зададено“ како обврска уште лани.

„Треба да го пречекаме декемврискиот самит. Ние очекуваме да има охрабрувачки пораки, но секако, не можеме да очекуваме да се случи нешто спротивно од она што е напишано во Преговарачката рамка и во она што ни е зададено како обврска уште минатата година. Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скрингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени, а бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се случи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа до последниот ден на мандатот од овој собраниски состав да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вртлог, во еден тунел во кој веќе еднаш нè внесоа во 2008 година и да соберат сила заедно да го направиме овој потег. И одговорноста ќе биде заедничка, но и поените, за да докажат на дело дека навистина се за ЕУ, ќе бидат заеднички“, рече Маричиќ во одговор на новинарски прашања по посетата на Општина Ѓорче Петров, каде беше придружуван од министерките за труд и социјална политика и за култура, Јованка Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Извор: МИА

- Реклама -