Министерство за транспорт: До крајот на годинава одлука со најсоодветно решение за завршување на автопатот Кичево-Охрид

Ангажиран е експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализиација на овој проект и до крајот на годината ќе се донесе одлука со најсоодветно решение за завршување на изградбата, најави денеска Министерството за транспорт и врски.

„Во однос на прашањата поврани со проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид информираме дека во овој момент во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид“, соопшти Министерството за транспорт.

Ова, како што објаснува, е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата, ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.

Од Министерството за транспорт информираат дека појавени се 11 нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.

„Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација“, истакнува Министерството за транспорт.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека ќе побара ревизија на Договорот за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.

„Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сè уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот“, рече Ковачевски, во обраќање на Конференција за патната инфраструктура во Охрид.

Ковачевски истакна дека е недозволиво после десет години пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години.

Според него, треба да се направи ревизија и врз основа на неа да се донесе одлука.

„Една од опциите е секако и раскинување на договорот“, нагласи тој, најавувајќи и можна специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.

Според оценката на дел од експертите учесници на конференцијата, проектната документација, геотехничките ископувања, експропријацијата и неефикасните административни постапки се главните причини поради кои доцни изградбата на автопатот.

Автопатската делница Охрид – Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, а цената од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

Извор: МИА

- Реклама -