Мицкоски: Проверуваме тврдења за злоупотреби на Онкологија од 2023-та, ако се потврдат значи имаме работа со монструми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека проверуваат тврдења од свиркачи што ги добиле пред неколку дена во однос на злоупотреби на Клиниката за онкологија кои се однесува за годинава.

При денешната посета на Општина Лозово, Мицкоски најави дека деталите ќе бидат објавени за скоро време.

Забележа дека работата на собраниската Анкетна комисија за случајот Онкологија на површина изнела како што вели, навистина катаклизмични и шокантни информации.

„Морам да кажам дека преку свиркачи добиваме многу сведоштва и документи и таков еден случај прилично документиран темелно и јасно добивме пред неколку дена, го истражуваме, го анализираме, којшто се однесува за сега, не за минатото, бидејќи Анкетната комисија го опфаќа периодот до 2021 година. Јас зборувам за сега во 2023 година и ако тоа се потврди за точно, тогаш навистина морам да кажам дека имаме работа со монструми, а не со луѓе“, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Според него, „и покрај скандалот со терапиите за пациентите на онкологија тие потворно продолжуваат со злоупотреби, кои имаат нечовечки размери“.

„Ние планираме со ова да излеземе во јавност, доколку ова што го достави свиркачот се потврди како точно и имаме намера да му отвориме на обвинителството сериозна работа, бидејќи гледаме дека истрагата во Министерството за внатрешни работи се калкулира, се препелкаат. Тогаш ние имаме намера да ја преземеме работата во свои раце и да одиме до крај“, вели Мицкоски.

Прашан дали може да изнесе детали за новиот случај поврзан со Онкологија, Мицкоски со одговор дека сè уште се проверуваат и прашање е  на часови или на денови кога тој лично ќе ги презентира на јавноста. 

МИА

- Реклама -