Османи: Ова не се добри времиња за светот и многу е важно да бидеме заедно со големите и богатите во едно семејство

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска го повтори ставот дека одлуката за тоа дали земјава ќе продолжи со Албанија на патот кон ЕУ или ќе биде одвоена во преговорите во овој, како што вели, нов забрзан геополитички придонес на процесот на интеграција, во моментов е во рацете на пратениците од опозицијата.

„Доколку ги завршиме уставните измени на време, Северна Македонија ги отвора поглавјата и влегува неповратно во процесот на евроинтеграции во оваа можеби ретка можност на отварање на Унијата поради создадениот геополитички контекст. Никогаш не сме виделе ваква разиграност, мобилизираност на ЕУ по однос на Западниот Балкан. Но, проширувањето е меритократски и геополитички (процес), двата услова треба да бидат кумулативно исполнети. Што значи и треба да бидете спремни и треба да има одреден геополитички импетус за да се отвори процесот. Геополитичкиот моментум го има – руската агресија во Украина ги разбуди сите по однос на Западен Балкан и европската перспектива. Сега на тоа привремено отварање кое што се случува ќе влезат само тие кои што се подготвени. На опозициските пратеници е одлуката дали Северна Македонија ќе остане изолирана со остантите држави од регионот кои што имаат отворени прашања и ќе ја пропуши оваа сериозна шанса пред која се наоѓаме. Значи исклучиво во рацете на овие пратеници е европската иднина на државата, а тоа е и фактот дали младите ќе останат овде, дали ќе имаат надеж за европски стандард овде или пак ќе изгубиме цела една генерација“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања на Штаерска, Вернер Амон.

Прашан на што се должи неговиот оптимизам дека ќе се донесат уставните измени и на кое ниво се случува комуникацијата со пратениците во контекст на обезбедување поддршка за амандманите на Уставот, Османи уверува дека случувањата во светот ќе ги уверат граѓаните дека е ова единствениот вистински пат.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Мислам дека не губиме време со овие обиди бидејќи е важно граѓаните да ги убедиме дека ова е единствениот прав пат. Ова не се добри времиња за светот и многу е важно ние да бидеме заедно со големите и богатите во едно семејство. И мислам дека со секој поминат ден сè повеќе граѓани се придружуваат на тие што се обидуваме да не остане камен непревртен за оваа земја да стане европска. Второ, мислам дека политичарите полека разбираат што се случува, дека ова се навистина ретки времиња по однос на можностите за евроинтеграција. И сè повеќе и политичари тоа го разбираат и се надеваме дека ќе сфатат дека ги земаат на душа идните генерации, дека ја држат државата во заложништво поради партиско-политички интереси. Историјата ќе ги суди сите што оваа шанса ќе ја прокоцкаат заради еден пратенички мандат повеќе и за интерес за партијата“, рече Османи.

Министерот, при тоа, потврди дека се одвиваат комуникации во обид да се дојде до потребното мнозинство, но не откри детали на кое ниво се остваруваат тие контакти.

„Мислам дека нема да помогнам на процесот ако во моментов повеќе зборувам на таа тема, но сè е во рамки на демократските убедувања“, уверува шефот на дипломатијата.

Прашан за најавената посета на шефицата на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, Османи рече дека тој очекува посетата да донесе „одредени новини во однос на процесот на евроинтеграциите, а кои се во линија на нашите залагања“, односно бенефити од процесот пред полноправното членство, појасни тој.

Извор: МИА

- Реклама -