Галан: Правилата се сменија, одговорот на Израел во Газа ќе се памти во следните 50 години

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан денеска изјави дека одговорот на Израел во Појасот Газа „ќе се памети во следните 50 години“ и додаде дека палестински „Хамас ќе зажали што ги извршил нападите“.

„Правилата на војната се сменија. Цената што ќе ја плати Појасот Газа ќе биде многу висока, што ќе ја промени реалноста за генерациите што доаѓаат“, рече Галан за време на обиколката на градот Офаким на југот на Израел, каде што борците на Хамас упаднаа во саботата и земаа Израелци како заложници.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги објавија имињата на уште 13 од 57 војници убиени во борбите со Хамас во јужен Израел.

Прочитајте и:  Француската брза железница мета на „координирани акти на саботажа“, непосредно пред отворањето на ОИ

Портпаролот на палестинското милитантно движење Хамас, Хазем Касем, денеска изјави дека не може да се зборува за примирје додека, како што наведе, „Израел ја ескалира војната“.

„Окупацијата (на Израел) е во полн замав на агресија против цивилите. Не може да се зборува за примирје додека Израел ја ескалира оваа војна“, изјави Касем за РИА Новости.

Тој додаде дека е прерано да се зборува за посредување, бидејќи, како што рече, „бојното поле одредува кој ја контролира ситуацијата“.

Хамас во саботата наутро изврши напад врз Израел без преседан, при што во судирите загинаа стотици луѓе од двете страни, а илјадници беа повредени.

МИА

- Реклама -