Гервала-Шварц за „Дојчландфунк“: Ќе има војна ако меѓународната заедница продолжи да ја толерира Србија

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, предупреди на можноста од избувнување нова војна, во случај, како што рече, меѓународната заедница да продолжи со истиот однос кон Србија како и досега.

Гервала за германскиот јавен медиум „Дојчландфунк“ (Deutschlandfunk) изјави дека Србија сака да го натера Косово да преговара за територијални прашања во дијалогот.

„Ако меѓународната заедница ги толерира постапките на Србија, ќе има војна. Србија сака да создаде факти за да го принуди Косово да преговара за територијални прашања во Брисел“, рече Гервала, порачувајќи дека ЕУ треба да го замрзне статусот на Србија како земја кандидат.

Шефицата на косовската дипломатија изјави дека распоредувањето на српските војници на границата со Косово е слично на однесувањето на Русија кон Украина пред инвазијата, а и реториката и постапките на Србија се многу слични со оние на Русија.

Прочитајте и:  Османи: Тактиките на Србија за дестабилизација нема да ја сменат неповратната реалност на Косово

„Никогаш немало ваква концентрација на војници во последните години. Оружјето што го имаат таму, тенковите – ни дава лошо чувство, бидејќи не знаеме како ќе одговори меѓународната заедница. Ова е причината зошто е уште поважно да се преземат неопходните чекори“, изјави Гервала за „Дојчландфунк“, кој е еден од медиумите на германското државно радио.

МИА

- Реклама -