Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека претседателот на државата Александар Вучиќ во својот говор во Обединетите нации предупредил дека е можно и е извесно на Косово да дојде до конфликт, каков што е во Бањска, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа во гостувањето на ТВ Пинк изјави дека единствениот виновник за конфликтот е премиерот на Косово, Албин Курти, и дека тоа е неговиот животен сон.
„Како држава ќе се обидеме да го најдеме најдоброто решение за Србите на Косово и Метохија. Катастрофална е состојбата во која нè доведе Албин Курти и молкот на меѓународната заедница. Дали Курти има карт-бланш да убива луѓе на Косово кога ќе му се посака“, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека не знае дали во овој момент е мудро и од државен интерес да коментира и зборува за настаните на северот на Косово.
Брнабиќ оцени и дека крвта на албанскиот полицаец кој загина во конфликтот на Косово е на товар на премиерот на Косово Албин Курти и да не беше неговата политика тој човек немаше да биде мртов.
Таа изјави и дека голем дел од одговорноста е на меѓународната заедница.
„На Курти не му се важни ниту албанските животи. Вакво нешто можеше да се случи било кој ден и било кога. Никој од нас од овде не може да замисли како им е на Србите на северот на Косово, тие трпат постојано системско понижување и терор“, рече Брнабиќ на ТВ Пинк.
МИА