Претседателот на српското Собрание, Владимир Орлиќ изјави дека косовскиот премиер Албин Курти веднаш побрзал да ги обвини Србите за настаните во Бањска и дека секој сериозен прво би видел што точно се случило, па потоа би коментирал, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ако би зборувале за оние кои се ништо друго освен тоа, тогаш ја видовте и реакцијата на Албин Курти, кој веднаш почна, побрза прво да ги обвини Србите, да каже дека тоа е некаква организирана акција, незнам што акција, и дека тоа го правеле некои професионалци, сигурно во меѓувреме ги легитимирал лично, па знае кои се и што се, значи јасно ви е се, изјави Орлиќ за ТВ Прва.
Еден полицаец загина, а друг е ранет во напад врз единица на косовската полиција синоќа на влезот во селото Бањска на северот на Косово, соопшти полицијата во Приштина.
-Но, ако зборуваме за тоа кому му одговара насилство, од било каков вид – тоа е исклучиво Албин Курти и тоа сите го знаат. И се што направи во претходните месеци со најбруталниот можен терор што го вршеше врз голиот српски народ, го направи токму затоа што сакаше отворена ескалација и затоа што сакаше да доведе до некакво насилство, истакна Орлиќ.
Тој посочи дека е јасно кој може да биде задоволен доколку дојде до некаков конфликт, особено ако станува збор за човечки жртви.
МИА