Данска пратеничка: Сакаме да ви помогнеме на патот кон ЕУ, ја разбираме вашата фрустрација

„Ние сме тука да подадеме рака и да разговараме за тоа како можеме да ѝ помогнеме на Македонија да стане членка на Европската унија. Тоа е единствената точка на нашата агенда, односно како можеме да помогнеме и да го олесниме овој процес“, вели во видео интервју за МИА пратеничката Мариане Бигум од данскиот Фолкетингет, од Зелено левата партија, која заедно со уште неколку други дански пратеници имаше средби во македонското Собранието, како и со други официјални претставници и претставници од граѓанското општество.

Прашана за средбите со македонските пратеници, Бигум вели дека се разговарало за потребата од уставни измени со цел отворање на преговорите со ЕУ и за тоа како се третира оваа тема.

„Слушнавме, разбираме и го знаевме тоа уште пред да дојдеме, дека постои голема фрустрација околу овој процес што трае предолго, како и товарот што го има врз македонскиот народ. Разменивме мислења околу ова и нашиот став не е различен, целосно го разбираме тоа“, изјави Бигум за МИА.

Прашана за „внатрешната борба“ во земјава во однос на уставните измени, таа вели:

„Она што го слушнав овде е дека постои општ консензус дека иднината на земјата е во ЕУ. Ова е исто така став и на нашиот Парламент. Темата за членството на Македонија во ЕУ е високо на нашата политичка агенда и тоа е нешто на што работиме и зборуваме веќе долго време. Мојата партија е партнер со вашата партија ДОМ и ние работиме на олеснување на овој процес. Секако дека постојат решенија и има иднина, и немам двојби дека ова е патот напред. Слушнав дека некои луѓе имаат сомнежи околу тоа дали навистина сакаме Македонија да биде дел од ЕУ, но тоа никогаш не сум го слушнала во данскиот Парламент и дискусиите што сме ги имале таму. Она што го дискутираме е како да го олесниме процесот, како да ја поддржиме Македонија во потребните измени со цел да се отворат преговорите, околу институционалните реформи. Тука сме да кажеме дека сме дојдени како пријатели и дека едвај чекаме Македонија да стане дел од ЕУ, и дека сме тука да ве поддржиме во секој чекор од тој пат“, истакнува Бигум, во чиј фокус на работа и нејзин примарен интерес е зелената транзиција во ЕУ и во Данска, но и на глобално ниво.

Во однос на евроинтеграциите, вели дека тие засега се фокусирани кон исполнување на Копенхашките критериуми.

„Немаме разговарано за потребата од институционални реформи во ЕУ или нови недоречености во законите, или други нови нешта. Значи ова не е на нашата агенда и единствената цел на Парламентот и на делегатите на оваа посета е како да ѝ помогнеме на Македонија да стане дел од ЕУ“, инсистира таа.

Прашана која е нејзината порака до граѓаните, данската пратеничка повтори дека целосно ја разбираат фрустрацијата.

„Мојата јасна порака е дека сакаме да ни се придружите. Навистина сакаме да станете членка, да ни се придружите во Европската унија и дека сме тука да ви помогнеме на секој чекор од патот, и дека работиме на тоа. Но и дека не сте сами, и дека ве слушаме и ја гледаме фрустрацијата. Навистина ми е жал дека ова е толку долг процес, се согласувам и ја разбирам фрустрацијата. И јас би се чувствувала исто. Ние сме посветени уште повеќе да се осигураме дека процесот се движи без проблеми, и затоа сме тука, од данскиот Парламент, во официјална посета на вашата земја“, децидна е Бигум.

Извор: МИА

- Реклама -