Македонската фудбалска репрезентација вечерва пред 28.000 гледачи на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје одигра нерешено 1-1 (0-0) против Италија во рамки на групата Ц од квалификациите за пласман на ЕУРО2024.
Македонската репрезентација резервирано го почна натпреварот и од контранапади чекаше шанса, која дојде во 19 минута кога ударот со глава на Бојан Миовски заврши сантиметри крај стативата.
Актуелниот европски првак предводен од новиот селектор Лучијано Спалети го контролираше поседот на топката во првото полувреме и создаде неколку шанси за водство, од кои најидеалната ја имаше Сандро Тонали две минути по обидот на Миовски, но неговиот удар заврши во стативата.
Почетокот на второто полувреме донесе водство на Италија во 47 минута преку капитенот Чиро Имобиле кој со гол ја заврши акцијата во која Николо Барела ја погоди пречката.
По примениот гол „црвено – жолтите“ тргнаа во целосна офанзива и откако обидот од 17-ина метри на Елиф Елмас заврши крај стативата во 68 минута, израмнувањето го донесе капитенот Енис Барди со прекрасен гол од слободен удар во 81 минута, предизвикувајќи делириум на трибините.
До крајот на натпреварот македонската одбрана одолеа на италијанските напади за четврти бод во петтиот натпревар во евроквалификациите.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе ги продолжат евроквалификациите со гостување во Малта во вторник.
ФОТО: МИА