Медведев: Сѐ поблиску сме до апокалипса, Русија има повод да дејствува против секого и сè во земјите на НАТО

Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, ја повтори можноста за „апокалипса“ во случај на натамошна ескалација на конфликтот во Украина.

Повод за неговата изјава е фактот што украинските сили решиле да ги нападнат Русите во анектираниот Крим, тврди „Украинска правда“.

„Украинските криминалци објавија дека добиле одобрение за напади низ цела Русија, на пример за нападот на Крим. Ако ова е вистина (и во моментов нема причина да се сомневаме во тоа), тогаш тоа е директен, правно значаен доказ за соучесништвото на Западот во војната против Русија на страната на државата на Степан Бандера“, напиша Медведев на Телеграм.

„Тоа би било повод за војна што ќе ѝ даде можност на Русија да дејствува во рамките на законот за војна против секого и сè во земјите на НАТО. За жал, пророштвата за апокалипса се сè поблиску до нас“, додаде тој.

Прочитајте и:  Кремљ: Смешно и апсурдно е да се обвинува Русија за оштетување на каблите во Балтичко Море

Медведев минатиот месец напиша статија за владиниот весник „Росијскаја газета“, во која истакна дека нуклеарна војна е „сосема веројатна“, но оти нема изгледи за победник во неа. Тој повеќе пати рече дека западната поддршка за Украина ги зголемува шансите за нуклеарен конфликт.

МИА

- Реклама -