Столтенберг: Украина сама ќе одлучи за условите за мировни преговори

На Украина е да одлучи кога ќе има услови за преговори за завршување на војната со Русија, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, нагласувајќи дека Алијансата не го променила ставот.

Украинците и само Украинците се тие кои можат да донесат одлука за тоа кога ќе се создадат услови за преговори.

Говорејќи на конференција во норвешкиот град Арендал, тој додаде дека улогата на НАТО е да ја поддржи Украина.

Столтенберг ги даде коментарите откако шефот на неговиот кабинет Стијан Јенсен во вторникот рече дека Украина на крајот можеби ќе мора да и отстапи територија на Русија како дел од договорот за ставање крај на војната. Јенсен подоцна рече дека жали за изјавата.

„Неговата порака (на Јенсен) е иста како мојата порака, која е главната порака на НАТО, а тоа е дека политиката на НАТО не е променета – ја поддржуваме Украина“, потенцираше Столтенберг.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

НАТО на Самитот минатиот месец соопшти дека Украина ќе биде поканета за членство кога „членките ќе се согласат и кога ќе ги исполни условите“, но и дека земјата има право да го избере својот пат независно од Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека иако исходот од Самитот е добар, би било идеално Киев веднаш да добие покана.

Западните сојузници на Киев обучуваат илјадници украински војници и Украина е многу зависна од нивното оружје во борбата против руските сили кои започнаа инвазија во февруари 2022 година.

МИА

- Реклама -