Москва не го продолжи Договорот за извоз на украинско жито, скок на цената на пченицата на берзите

Договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море денеска престана да важи и нема да биде продолжен бидејќи не е исполнет делот од него што се однесува на Москва, соопшти денеска портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, откако денеска истече важноста на договорот првпат потпишан на 22 јули минатата година, кој оттогаш беше неколку пати продолжуван и покрај предупредувањата од Русија дека ќе го напушти.

„Денеска престана да важи Црноморскиот договор за жито. Како што претходно најави претседателот на Русија, по неговото истекување на 17 јули, договорот нема да биде продолжен бидејќи делот што се однесува на Русија сè уште не е спроведен“, рече Песков.

Тој додаде дека Москва веднаш ќе се врати на примената на Црноморскиот договор, штом почнат да се исполнуваат обврските наведени во меморандумот меѓу Русија и ОН. Црноморската иницијатива беше потпишана од Русија, Турција, Украина и ОН на 22 јули 2022 година, и вклучува извоз на украинско жито и храна, како и ѓубрива преку Црното Море од три пристаништа. Вториот дел од договорот што го потпишаа Русија и ОН предвидува деблокирање на извозот на храна и ѓубрива од Русија, а меѓу главните точки беше повторното поврзување на руската Земјоделска банка со SWIFT, како и обновувањето на испораката на земјоделска механизација и резервни делови – обврски кои Москва тврди дека не се исполнети. Договорот беше склучен на 120 дена, а во ноември минатата година беше продолжен за уште 120 дена и во март за уште 60 дена.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, минатата недела во писмо до рускиот претседател Владимир Путин предложи Москва да дозволи Црноморскиот договор за житарки да продолжи неколку месеци за да ѝ даде време на ЕУ да поврзе подружница на Руската земјоделска банка со SWIFT, што ЕУ го суспендираше во јуни 2022 поради руската инвазија врз Украина…

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Како последица на повлекувањето на Русија од договорот, цените на пченицата денеска на берзите експресно пораснаа.

На берзата во Чикаго, фјучерсите на пченицата поскапеа за 3.4 отсто на 6.84 долари за бушел. Цените на пченката, исто така, се зголемија за два отсто, на 5.16 долари за бушел.

ОН минатата недела соопштија дека од почетокот на август минатата година до 10 јули годинава, од три украински пристаништа на Црното Море се извезени 32 милиони тони жито во 45 земји на три континенти.

Најголем дел од житото беше извезено во Кина, речиси осум милиони тони. Следат Шпанија и Турција со шест, односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници беа и Италија и Холандија, со 2,1 и два милиона тони жито.

Пченицата сочинува околу една четвртина од извозот, а пченката половина.

Делумното продолжување на украинскиот извоз го забави растот на светските цени на храната, кои во јуни, според индексот на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН, беа за 11.6 отсто пониски во однос на јули минатата година.

Договорот, исто така, гарантираше извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и амонијак, за поддршка на сигурно снабдување со храна низ целиот свет.

„Меѓутоа, ѓубрива и амонијак досега не се извезени како дел од иницијативата“, се наведува во соопштението на ОН од 10 јули.

Според податоците на Светската банка, Русија е најголемиот светски извозник на ѓубрива и значаен извозник на жито, но нејзиниот извоз е попречен поради санкциите од Западот.

Извор: МИА

- Реклама -