Столтенберг: Украина ќе добие покана за НАТО, но откако ќе се согласат членките и ќе бидат исполнети условите

Фото: НАТО

НАТО ќе упати покана до Украина да се приклучи на воената алијанса кога „членките ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг на денешната прес-конференција, на првиот ден од самитот на Алијансата во Вилнус, пренесоа британските медиуми.

Столтенберг изјави дека НАТО испраќа „силна, обединета и позитивна порака“ до Украина, откако членките се согласија дека нејзината иднина е во Алијансата. Тој истакна дека „најитна задача“ сега е да се осигура дека Украина „издржува“ против руската инвазија. Во спротивно, како што кажа, „без овој исход, воопшто не може да има дискусија за членство“.

Столтенберг на прес конференцијата кажа дека ја поздравува поддршката од лидерите на НАТО за Киев, додавајќи дека во последните денови има „значителни нови најави“ за воена поддршка од членките.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Шефот на НАТО нагласи и дека со нетрпение очекува да ѝ посака добредојде на Шведска како членка.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека би било „апсурдно“ доколку лидерите на НАТО кои се собраа на самитот не ѝ понудат временска рамка за членство на неговата земја, откако шефот на алијансата рече дека тоа ќе испрати „позитивна порака“ на Киев.

МИА

- Реклама -