Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека Косовската полиција денес повторно навлегла на територијата на централна Србија, вооружена до заби, на 500 метри од административната линија, јави дописникот на МИА од Белград.
„Денеска, полициски службеник од ПС Бујановац забележал брзо движење на возило на таканаречената косовска полиција од правец на Карачево кон Брезница. Тоа возило бркало бело комбе кое од патот свртело кон селото. На местото на свртувањето, полициско возило „Дачија“ на таканаречената косовска полиција застанало, а сопатникот, бидејќи во возилото имало две лица, излегол и со поглед испратил каде заминало комбето“, изјави Петковиќ.
Како што наведе, во тој момент биле забележани од припадниците на полицијата на Република Србија и српската полиција се упатила во правец на припадниците на т.н. на косовската полиција со цел да ги спречи „во очигледната намера да претражуваат низ централна Србија“.
„Кога полициските службеници на (Албин) Курти виделе дека ги забележала српската полиција, сопатникот брзо влегол во возилото и се упатиле кон Косово, односно кон Карачево“, изјави Петковиќ.
Петковиќ изјави и дека сопственикот на комбето се јавил во полициската станица во централна Србија и раскажал што се случило. Тој рече дека припадниците на косовската полиција почнале да го бркаат затоа што имал и има бујановски регистерски таблички без налепници, што било причина зошто го бркале. Возачот на комбе живее во Велики Трновац.
„Припадниците на таканаречената косовска полиција немаат што да бараат на територијата на централна Србија, како што немаа што да бараат на 14 јуни, кога беа лоцирани и од српската полиција, со тоа што на 14 јуни беа уапсени, затоа што биле фатени со долги цевки и друга опрема. Тогаш рекоа дека ќе одат да берат печурки, дека не знаеле дека ја поминале административната линија. Јасно е дека имале одредени намери штом се нашле таму каде што немаа што да бараат“, кажа Петковиќ.
Петковиќ претстави и видео снимка на настанот и оцени дека Албин Курти за цело време јасно ги крши сите договори и само провоцира.
МИА