Српската листа ја повика Владата на Србија да ги прогласи специјалните единици на косовската полиција на северот на Косово и „разузнавачките структури кои вршат хибридни операции насочени кон прогон на српскиот народ“ за терористички организации, јави дописникот на МИА од Белград.
Во отвореното писмо до Владата на Србија, Српска листа предупреди дека „параполициските, специјалните и разузнавачките структури на режимот на Албин Курти ги загрозуваат мирот, безбедноста на српскиот народ, како и мирот на целиот Западен Балкан“.
– Ви предлагаме, во согласност со вашите овластувања, итно да донесете соодветна одлука, со која сите специјални единици кои Курти незаконски ги чува на северот на Косово и Метохија, разузнавачките структури кои спроведуваат хибридни операции со цел дестабилизирање и подигање на тензиите и создавање алиби преку фингирање и подметнување насилни упади и неоправдани апсења, како и други структури кои дејствуваат со цел да го прогонуваат српскиот народ, да ги прогласите за терористички организации, се наведува во апелот до Владата на Србија.
Се наведува дека активностите што тие структури „де факто ги спроведувале во претходниот период“ против Србите на Косово „според меѓународните принципи и стандарди на светските и агенциите на ОН, ги исполнуваат основните елементи на дефиницијата за тероризам бидејќи овие активности се против принципите и целите на ОН“.
– Длабоко веруваме дека оваа одлука, во соработка со меѓународните институции и западните партнери, ќе спречи натамошни незаконски активности на овие формации и нивните соработници за загрозување на мирот во овие области и ќе создаде правна основа за дејствување на сите државни органи против овие организации и би се извеле пред лицето на правдата, соопштија од Српска листа.
Ова барање на Српската листа доаѓа неколку дена откако Владата на Косово, „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“, две организации за кои се верува дека дејствуваат на северот на Косово и кои имаат стотици членови од српската заедница, ги прогласи за терористички организации.
МИА