Нова лидерска или тимска средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе иницира истиот ден кога од СДСМ и нивниот лидер Димитар Ковачевски ќе слушне дека избрале еден од двата предлога што им се понудени од опозициската партија – уставни измени со одложено дејство или предвремени парламентарни избори по кои поразениот ќе го поддржува концептот за национално единство и од европските институции да се обезбеди гаранција за македонскиот идентитет.
„Имаат два предлога на маса, нека изберат еден од тие два. Не е проблем, јас сум подготвен секогаш да разговарам. Но нека изберат кој од тие два предлога – дали овој со одложено дејство кога Македонија ќе биде членка на ЕУ, или избори наесен па гаранции“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Алфа.
Според него, логично е да се зборува за избори затоа што на секое поле, како што рече, „гледаме неспособност и политика што пропаѓа и власт што не може да испорача“.
Откако ДУИ, преку портпаролот на партијата Бујар Османи, предложи да се спроведе истрага и ветинг на сите политички партии, Мицкоски предлага ветинг на сите политичари. Притоа, како што рече, тој самиот прв се пријавува.
„Прв се пријавувам за ветинг на мене, моето семејство и на моите блиски. Да видиме како од голтари стануваат милионери по политичката кариера“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.