Украина тврди дека пресретнала повик што докажува дека Русија је разнела браната

Украинската служба за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека пресретнала телефонски повик со кој се докажува дека руска „диверзантска група“ ги разнела хидроцентралата и браната Каховка во јужна Украина, пренесе Хина.

На својот „Телеграм“ профил, СБУ објави аудио снимка од 1.5 минута од наводен разговор на двајца мажи како на руски зборуваат за последиците од катастрофата.

„Тие (Украинците) не го нападнаа. Тоа беше нашата диверзантска група“, вели на снимката руски војник, според СБУ.

„Тие сакаа, со таа брана, демек, да ги исплашат (луѓето). Тоа не одеше според планот и (тие направија) ​​повеќе отколку што планираа“, се слуша исто така на снимката.

СБУ не даде повеќе детали за разговорот или идентитетот на учесниците, но најави дека отворила кривична истрага за воени злосторства и „екоцид“.

„Напаѓачите сакаа да ја уценат Украина со минирање на браната и приредија вештачка катастрофа на југот на нашата земја“, заклучува СБУ.

Претходно, норвешкиот сеизмолошки институт „Норсар“ соопшти дека регистрирал „експлозија“ од правец на регионот каде што се наоѓа украинската брана Каховка која се совпѓала со моментот на нејзиното уништување во вторникот. „Потресот“ бил регистриран од мерната станица во Буковина, Романија, која се наоѓа на околу 620 километри од местото каде што се случила.

Прочитајте и:  Столтенберг: Командата на НАТО за поддршка на Украина ќе почне да функционира во септември

Според податоците, експлозијата се случила во 2:54 часот по локално време, на место чии координати одговараат на браната Каховка на реката Дњепар. Магнитудата била „меѓу 1 и 2“, прецизира Норсар. Иако институтот не излезе со пресметка колку моќна била експлозијата изразено во тони ТНТ, посочи дека магнитудата сугерира дека „тоа не било слаба експлозија“.

Иако институтот не го адресира прашањето кој би можел да е виновникот (во смисла Украина или Русија), тоа што била регистрирана експлозија ја побива тезата дека причина за уривањето на Каховка би можеле да бидат претходни оштетувања при борбите што довеле до попуштање на структурата.

„Сигурни сме дека дошло до експлозија“, категоричен беше Бен Дандо, висок претставник на институтот.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната, која поплави села и градови на двата брега на реката, вклучително и делови од градот Херсон, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат.

Уништувањето на браната во вторникот предизвика големи поплави ма двата брега на реката Дњепар, опфаќајќи села и градови како и делови од градот Херсон, приморувајќи илјадници луѓе да се евакуираат за да го спасат својот живот.

Двете страни, Москва и Киев, меѓусебно се обвинуваат дека ја разнеле браната.

Извор: МИА

- Реклама -