Реакција на Пекинг по самитот на Г7: Ако Кина е закана за светскиот мир и просперитет, тогаш што се некои од Г7 членките?

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чуњин ги критикуваше изјавите на учесниците на самитот на Г7 што изминатиот викенд заврши во Хирошима.

На самитот беше кажано дека политиката на Кина во моментов претставува закана за мирот и безбедноста на глобално ниво.

„Некои членки на Г7 ја нарекоа Кина најголема закана за глобалната безбедност и просперитет. Дали сте сериозни? Ако Кина е закана, тогаш што се некои од членките на Г7 кои почнуваат војни со суверени држави, соборуваат легитимни странски влади, се повлекуваат од мултилатералните договори и ги принудуваат другите земји да ги прекинат синџирите на снабдување“, напиша кинеската претставничка на социјалните мрежи.

Таа истакна дека во сегашната фаза, Кина е „мотор број 1 на светската економија“, дека придонесува за светскиот раст повеќе од сите членки на Г7 заедно, дека одржува трговски и економски односи со повеќе од 140 земји во светот, и дека е втор најголем придонесувач во финансирањето на мировните операции на ОН.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Сун Веидонг вчера го повика јапонскиот амбасадор во Пекинг, Хидео Таруми, на средба за да му предаде протестна нота поради прашањата поврзани со Кина дискутирани на самитот на Групата седум (Г7) во Хирошима за време на викендот.

Лидерите на Г7 на тридневниот самит изразија сериозна загриженост поради, како што рекоа, зголемените тензии во Источното и Јужното Кинеско Море, како и за состојбата со човековите права во Кина, вклучувајќи ги Тибет и Синџијанг.

МИА

- Реклама -