„Процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејствија и подгревање на страстите“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостувањето во „Утрински печат“.
Според неа, посветеноста на Владата и на пошироката неформална коалиција која се формира околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени – е исправниот пат, а политичарите треба да го предводат народот, а не „да се кријат зад него“.
„Знам дека е тешко да зборуваме за уставни измени, знам дека е тешко да се зборува за политички отстапки, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и не се кријат зад народот. Лесно е да кажете ‘ајде за секое второ прашање да го прашаме народот’. На крајот на краиштата, седиме на позициите на кои седиме затоа што ние треба да ги носиме решенијата и ние треба да ги носиме одлуките“, смета Петровска.
„Политичарите многу помалку треба да се кријат зад народот, а многу повеќе треба да го предводат, зашто во даден момент од тие историски носени одлуки зависи иднината на државата“, аргументира министерката за одбрана.