Ковачевски во работна посета на Њујорк и Вашингтон, средби со Блинкен, Ескобар и Шоле

Премиерот Димитар Ковачевски е во работна посета во Соединетите Американски Држави. Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот се и вицепремиерката за политики за добро владеење – Славица Грковска, и министерот за надворешни работи – Бујар Османи.

Во рамки на работната посета која започнува утре, на покана на претседавачот на Советот за безбедност на ООН, Швајцарија, предвидено е обраќање на Ковачевски на отворената седница на Советот за безбедност, во седиштето на организацијата на Обединетите нации во Њујорк.

Како што соопшти владината прес-служба, за време на престојот во Њујорк, како дел од програмата за „одбележувањето на 30-годишнината од членството на Северна Македонија во организацијата на Обединетите нации“, Ковачевски ќе оствари средби со високи претставници на УНИЦЕФ и УНДП и ќе се обрати на приемот во ООН организиран по повод 30 години од членството на земјава во организацијата на Обединетите нации. Како дел од програмата за одбележување на 30 годишнината, Ковачевски во седиштето на ООН ќе учествува и на панел дискусијата посветена на превентивна дипломатија, медијација и политика на пријателство.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Во Вашингтон, премиерот Ковачевски е предвидено да оствари средба со државниот секретар на САД – Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД – Габриел Ескобар, заменик-советникот за национална безбедност на САД – Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД – Дерек Шоле, и со повеќе сенатори и конгресмени на САД. Тој ќе оствари средба и со членовите на бордот на Атлантскиот совет (Atlantic council).

Како дел од работната посета на Вашингтон, Ковачевски ќе го посети и престижниот универзитет „Џон Хопкинс” каде, по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, тој ќе се обрати и ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за нашата и земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат, имајќи ја предвид потребата за брз развој на регионот.

Согласно агендата, планирана е и средба со претставници на македонската дијаспора во САД.

- Реклама -