Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

„Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје“, соопшти денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот Фејсбук профил.

„Овие настани не треба и не смее да нè разделуваат, напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат“, порача Петровска.

Таа денеска, придружувана од претставници на Армијата и Стојанче Ангелов од партијата Достоинство, денеска беше во тетовското село Вејце за да оддаде почит на местото каде во 2001 година животите ги загубија осум припадници на безбедносните сили.

Петровска положи цвеќе на местото Брезовица, каде се случи масакрот врз полицајците и припадниците на Армијата.

„Во знак на заедничко разбирање и меѓусебно почитување, сакајќи на достоинствен начин да им се оддолжиме за нивната пожртвуваност и храброст, поднесов иницијатива за подигање на спомен обележје во чест на загинатите на ова место. Вечна им слава. Во чест и сеќавање на припадниците на македонската армија и полиција кои на ова место близу с. Вејце ги загубија своите животи.

Овие настани од минатото не треба и не смее да нѐ разделуваат, напротив тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат“, порача министерката и од Вејце.

Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, потенцираше дека ден по масакрот го посетил местото на настанот и ги затекнал ужасните сцени кои, како што рече, е невозможно да се избришат од главите на оние кои ги виделе. Веќе неколку години, додаде, доаѓа за да им оддаде почит на загинатите бранители.

„Дваесет и две години подоцна, букети свежо цвеќе и осум запалени свеќи во чест и помен на осумтемина загинати македонски херои, четворица од армиските Волци и четворица од Посебните полициски единици, убиени додека ја бранеа татковината, Република Македонија, на 28 април 2001-та, во крвавата заседа кај село Вејце. Наредниот ден како старешина во посебните полициски единици дојдов тука на самото место и ја затекнав сцената која остана по нивното убивање. Сликите беа ужасни, нешто што не може да се избрише од главата на сите оние припадници на безбедносните сили што бевме овде. Во чест на нашите браќа по оружје, храбри македонски бранители, делегација на Достоинство доаѓа овде на овој камен каде палиме свеќа и цвеќе“, истакна рече Ангелов.

Извор: МИА

- Реклама -