„Да ја довршиме работата“: Бајден официјално соопшти дека се кандидира за реизбор за претседател на САД (ВИДЕО)

Актуелниот американски претседател Џо Бајден денеска објави дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година.

Со најавата на кандидатурата во форма на триминутно видео, кое започнува со еден збор – „слобода“, официјално почна кампањата за реизбор на Бајден.

„Кога се кандидирав за претседател пред четири години, реков дека сме во битка за душата на Америка. И сè уште сме. Прашањето со кое се соочуваме е дали во годините што следат ќе имаме повеќе слобода или помалку слобода. Повеќе права или помалку“, рече Бајден.

Видеото ги поврзува сликите од немирите на 6 јануари во Капитол со протестите поради одлуката на Врховниот суд за поништување на правата за абортус.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Бајден тврди дека правата на абортусот, одбраната на демократијата, избирачките права и мрежата на социјална заштита ќе бидат меѓу најважните прашања на изборите во 2024 година.

„Секоја генерација Американци се соочи со момент кога мораше да ја брани демократијата, да се залага за личните слободи и да се залага за гласачките права и граѓанските права. Ова е нашиот момент“, истакна Бајден.

Тој го претстави и слоганот за изборите во 2024 година, кој гласи: „Да ја довршиме работата“.

МИА

- Реклама -