Јурова: Најмалку 16 илјади украински деца биле принудно преселени во Русија

Најмалку 16.000 украински деца биле погодени со принудно преселување во Русија, изјави денеска заменик-претседателката на Европската комисија Вера Јурова пред Европскиот парламент во Стразбур, повикувајќи се на податоците од крајот на минатата недела.

„Досега во татковината се вратени само 361 дете од Украина“, додаде таа, повикувајќи се на информации од различни меѓународни организации. Според неа, посвојувањето на овие деца е кривично дело.

Јурова истакна дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) неодамна издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради киднапирањето украински деца. Русија јасно го покажа своето непочитување на меѓународниот поредок заснован на правила со својата реакција на наредбите издадени од МКС, рече потпретседателката на Европската комисија. Јурова истакна дека сите земји на ЕУ и другите што го усвоиле Римскиот статут се обврзани да ги почитуваат наредбите за притвор на МКС.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Потпретседателката на ЕК истакна дека Комисијата обезбедила 10 милиони евра за работата на МКС од почетокот на војната во Украина. Јурова додаде дека ЕУ досега има воведено санкции против 16 сторители на киднапирањето на украински деца.

Најмалку неколку стотици, ако не и илјадници, украински деца се жртви на воени злосторства, додаде Џесика Розевал во име на шведското претседателство со Советот на ЕУ. Советот е решен да бара одговорност за воените злосторства извршени од Русија во Украина.

МИА

- Реклама -