Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група ниту ќе достават предлози за измена на Уставот и дека за време на овој парламентарен состав тоа нема да се случи. Го повика премиерот Димитар Ковачевски, ако смета дека има поддршка во парламентот, да ги достави на усвојување уставните измени. Но, ако се покаже спротивното, да се оди на предвремени парламентрани избори, побара Мицкоски.
„Не знам зошто чекаат, нели требаше минатата година во септември, октомври, па се предомислија во декември, па потоа рекоа во февруари, па не во февруари во мај, еве нека седнат и нека достават, да ја затвориме еднаш засекогаш таа работа. Во овој парламентарен состав уставни измени ќе нема и тоа му е јасно и на Ковачевски“, изјави Мицкоски при денешното отворање на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на ул. „Македонија“, одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде и дека работната група е затворена тема за него и за ВМРО-ДПМНЕ, па повторно побара потребата за уставни измени да се достави до парламентот и да се види дали практично ќе има мнозинство за потребата за отворање на Уставот или ќе нема, и да се затвори таа тема.
„Да не ја оптеретуваме јавноста бидејќи навистина имаме многу суштински теми за кои што треба да зборуваме, а тоа се криминалот, корупцијата, лошата економска состојба, проблемите со кои се соочуваат граѓаните во Македонија, рече Мицкоски.
Тој го повика премиерот Ковачевски да не чека да ја достави иницијативата, затоа што, како што рече, ниту во следните месеци нема да се смени ништо во тој поглед.
„Нека ги достави во Парламентот; Ако има 80 пратеници јас заминувам од политиката, тој продолжува да биде премиер. Ако нема 80 пратеници, тогаш треба да одиме на избори“, побара лидерот на опозицијата.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ во вакви услови е подготвено да прифати менување на државниот грб за да се заврши процесот на менување на уставните измени, Мицкоски рече дека тоа се два процеса и не се поклопуваат еден со друг и бидејќи, како што рече, порано е постигнат консензус за менување на државниот грб, може веднаш да се почне во рамките на парламентот.
Мицкоски ги повика сите лидери веднаш да преземат иницијатива за тоа и рече дека новиот грб е добар момент за обезбедување единство во земјата, но повтори дека двата процеса немаат никаква врска меѓу себе.
Изјавата на Мицкоски, како и новинарското прашање, се однесуваа на предлогот на универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски, кој вчера во вестите на ТВ „Сител“ сугерираше дека на ВМРО-ДПМНЕ треба да ѝ се понуди промена на државниот грб во замена за нејзина поддршка за уставните измени.
Конкретно, Спасеновски рече дека можеби треба да се размислува за предлогот за црвен лав на жолта позадина со пет кули, кој во 2014 за државен грб го предложи тогашната Влада на ВМРО ДПМНЕ, а доби и позитивна оценка од ДУИ, но не помина во Собранието.
Враќањето на старата дебата од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб, според него, може да биде еден од начините како да се овозможи „земање предвид на интересите и заложбите на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата“ и истовремено начин – како резултат на таквата отстапка – да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени.
Оваа измена, додаде Спасеновски, би била во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството.
Во гостувањето, тој истакна дека причината поради која ДУИ тогаш го прифати предлогот е дека грбот на многу стари албански семејства исто така е лав, како и грбот на градот Тирана, додека круната е и општ симбол за скопското Кале.
Во однос на уставните измени, сепак, Спасеновски оцени дека во општеството нема рационална дебата и дека најавите дека покрај вметнувањето на неколку заедници во уставната Преамбула можни се и други амандмани на Уставот, ја зголемува скепската и кај граѓаните и кај експертите.
„Чувството на најголемиот дел од граѓаните на оваа држава, особено на Македонците, е дека нешто неправедно им се одзема и се тераат да направат нешто со кое тие губат дел од нивниот супстрат во рамки на највисокиот правен акт на државата“, оцени тој.
Извор: МИА