Меџити: Фракциите се европска вредност, Ахмети најмалку десет пати ме молеше да формираме фракција во ДУИ

„Токму претседателот Ахмети најмалку десет пати во минатото ме молеше да формираме фракција внатре во ДУИ, но сега се појави потребата да има фракција во Демократската унија за интеграција и не знам од кои причини тој баш сега се изјасни дека нема да дозволи формирање на фракција, имајќи предвид дека секој ден промовираат европски фронт. Фракциите се европска вредност на европски партии, а ако сакаат и понатаму да промовираат европски фронт, тогаш немаат право да бидат против европските вредности или против фракциите во ДУИ“, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ДУИ, Изет Меџити, на прашањето околу оспорувањето на фракцијата од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На новинарските прашања дали може да станува збор за поделба од партијата и одење со посебни листи на следните избори, Меџити децидно одговори дека нивната цел е да ја добијат битката внатре во ДУИ.

На прашањето дали постои страв од исклучување од партијата поради непочитување на статутот, одговори градоначалникот на Сарај – Блерим Беџети, кој рече дека изворот на проблемот е во тоа што почнаа сомнежи дека узурпирани се органите на партијата од страна на министрите на ДУИ.

„Ние не сметаме дека ние сме прекршители на статутот, напротив, до тоа е дојдено од страна на узурпаторите на органите на партијата и непочитување на статутот. Од правна гледна точка мислам дека некои други треба да носат одговорност за непочитување на статутот, а не ние“, истакна Беџети.

Прочитајте и:  Касами: Статусот на Албанците не е загрозен, писмата на Ахмети не се во интерес на граѓаните

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, претходно на прес-конференцијата рече дека се обврзуваат да бидат гласот на сите Албанци.

„За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на ДУИ, што најдобро го докажува неформирањето на партиски тела за овие години. Денеска стоиме пред вас како фракција и се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат туку на сите Албанци, и овој глас нема никој да го замолчи. За нас гласот на народот е сè, затоа што ова е гласот на разумот и ќе го покажеме на дело правилното, принципиелното и сеопфатното функционирање“, изјави Ганиу.

Според него има двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. Напомена дека нивниот предлог за гласање недоверба на министрите бил одбиен. Според Ганиу, органите на ДУИ не функционираат според Статутот, а политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ.

Градоначалникот на Чаир посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку предлози за власта, меѓу кои и отстранување на 20 проценти од Уставот, регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА, обезбедување на услови за гласање на дијаспората по електронски пат, казината да бидат надвор од населени места, зголемување на минималната и просечната плата, како и зајакнување на општините.

МИА

- Реклама -