Милков: Бугарија има јасен став, кој се темели врз тоа што ЕУ го одлучи во однос на РСМ

„Прашањето за европската интеграција на Западен Балкан е процес што е од директно значење за нас, бидејќи тоа е непосредниот амбиент во кој Бугарија функционира и ја спроведува својата надворешна политика“, изјави во Сандански вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија – Николај Милков, на семинар организиран од Дипломатскиот институт на бугарското МНР за странски дипломати од Европската Унија, Југоисточна Европа и од Црноморскиот регион.

„Имаме принципиелен став што е од корист и поддршка на интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа треба да се направи што е можно побрзо, но истовремено врз основа на критериумите кои се дефинирани и врз основа на принципите и механизми, кои самата Европска унија ги создаде и потврди во овој поглед“, посочил Милков, објави БТА, пренесува МИА.

„Бугарија ги штити правата на нашите сонародници во овие земји и на луѓето кои имаат бугарска самосвест и се чувствуваат Бугари“, нагласил шефот на бугарската дипломатија.

„Овие работи не се во спротивност со нашата цел за брза интеграција на Западен Балкан. Напротив, почитувањето на човековите права, почитувањето на правата на здружување, борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза се критериуми за членство на овие земји во ЕУ и тоа е нешто што самата Унија го признава“, додал тој.

Во однос на земјава, Милков потенцирал дека „Бугарија има јасен став, што се темели врз тоа што ЕУ го одлучила во однос на соседната земја и тоа е основата на таканаречениот француски или европски предлог“.

„Овој предлог беше прифатен од сите земји членки на Унијата, беше прифатен и од Бугарија и од парламентот во Скопје. Кога ќе ги исполнат овие услови, тогаш нивниот пат кон членство е отворен“, порачал тој.

Извор: МИА

- Реклама -