„Наша иницијатива“ со осуда за манипулациите на Софија за Македонците и Бошњаците на Косово како Бугари

Партијата „Наша иницијатива“ од Косово изрази загриженост по повод ненадејната посета на потпретседателката на Република Бугарија – Илијана Јотова, на 18 февруари во Косово, и вестите во Бугарија околу нејзината посета таму, објави електронското издание на весникот „Илинден“.

Во реакцијата, партијата ја отфрла изјавата на Јотова дека на Косово живеат околу 15.000 Бугари, мислејќи на Бошњаците и на Македонците (Горанци) во областа Гора и Призренска Жупа.

„Партијата ‘Наша иницијатива’ смета дека на овој начин Бугарија ја злоупотребува својата положба и членството во Европската Унија, грубо мешајќи се во внатрешните работи на Косово. Ги осудуваме манипулациите на Софија Бошњаците и Горанците на Косово да ги претставува како Бугари“, стои во реакцијата.

Во реакцијата се потсетува и дека на пописот на населението во 2011 година, во двете општини – Драгаш и Призрен, Бугари „воопшто нема или се на ниво на статистичка грешка“.

„Како партија не го оспоруваме правото на Македонците и Бошњаците да се школуваат во Бугарија, но сметаме дека тоа не може, не смее и не треба да биде условено со асимилација. Потврдуваме дека Горанците и Бошњаците се уставно признати од страна на Косово и силно сме против тековната нивна ‘бугаризација’ во општините Призрен и Драгаш.

Прочитајте и:  Мицкоски - Курти: Време е за решавање на економските прашања

Оваа година е година на попис на населението на Косово, а обидите на Софија да создаде Бугари се со цел да ги залаже, да ги доведе до заблуда и да ги изманипулира Бошњаците и Горанците на Косово. По кој знае кој пат повторуваме дека тие не се Бугари, ниту биле, ниту кога и да е ќе бидат“, се посочува во реакцијата.

На крајот, партијата на Бошњаците ги повикува сите Македонци и Бошњаци на Косово да се спротивстават на „обидите на Софија за нивна бугаризација“.

„Секој има обврска да ги информира останатите на кои овие бугарски манипулации сѐ уште не им се јасни. Студирање и соработка – ДА! Асимилација – НЕ! Стоп на асимилацијата и бугаризацијата на Косово, биди тоа што отсекогаш си бил“, стои на крајот од реакцијата на „Наша Иницијатива“.

Извор: МИА

- Реклама -