Франција и Австралија се договорија да произведуваат гранати од 155 милиметри за Украина

Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну по денешната средба со неговиот австралиски колега Ричард Марлс изјави дека Франција и Австралија се договориле да соработуваат за производство на „неколку илјади“ проектили од 155 милиметри за Украина.

Тоа е прва средба на високо ниво откако Канбера се откажа од договорот за купување на 12 француски подморници на дизел во 2021 година и наместо тоа, склучија договор со САД и Велика Британија во рамките на нивното ново партнерство АУКУС за набавка на нуклеарни подморници.

Марлс истакна Австралија не планира да набавува подморници со конвенционален погон додека не бидат испорачани нејзините нуклеарни подморници. Сепак, тој го пофали заедничкото партнерство со Франција за производство на проектили од 155 милиметри за Украина. Тој наведе дека станува збор за проект вреден повеќе милиони долари и неколку илјади проектили.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

„Ова е нова соработка меѓу одбранбените индустрии на Австралија и Франција. Ова е дел од напорите за поддршка на Украина од страна на Австралија и Франција за да се осигураат дека Украина ќе може да го издржи овој конфликт и да го прекине под свои услови“, посочи Марлс.

Министрите за одбрана на двете земји денеска во Париз разговараа во формат 2 плус 2, во кој учествуваа и министрите за надворешни работи на двете земји, Кетрин Колона и Пени Вонг.

МИА

- Реклама -