Пендаровски: Побарана забрана за влез на европратеник и други бугарски политичари, 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик

Најновиот развој на настаните во односите со Бугарија бил во фокусот на денешната седница на националниот Совет за безбедност, а како резултат, СБ излегол со предлог до Владата да се забрани влез во земјава на „еден европратеник и неколку други лица“, информираше по средбата претседателот на државата – Стево Пендаровски.

Како што посочи тој, постојат сомневања дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

Пендаровски истакна дека се очекува на 4. февруари организирана група да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата, како што рече, ќе има за цел нарушување на безбедноста, со цел дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Поради тоа, ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки – почнувајќи од границата, па сѐ до гробот на Гоце Делчев, рече претседателот.

„Според достапните анализи и сознанија на надлежните органи, се работи за органзирани активности од стана на структури во соеседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачката рамка во јули, минатата година. Истите овие структури се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Сопоред сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“, рече шефот на државата.

На седницата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Извор: МИА

- Реклама -