Рама за отстранувањето на барикадите во Косово: Шоуто траеше подолго, тензиите повисоки, изјавите поогнени, а крајот ист како и секогаш

Албанскиот премиер Еди Рама реагираше по отстранувањето на барикадите на северот на Косово поставени од српска страна.

Шефот на албанската Влада поставувањето на барикадите го сведе на „шоу“, кое, вели, било подраматично и подолго, но со ист крај како и секогаш.

„Ништо ново, шоуто траеше малку подолго, тензијата се крена малку погоре, зборовите се разменија со малку повеќе оган, воените маневри имаа малку повеќе талент, но крајот беше ист и сите се вратија дома, секој со сопствената победа, како и секогаш. Ах да, се случи нешто нечуено! Излезе новото значење на барикадата, која по 434 години влезе во листата на средства за мирни протести со благослов на ЕУ и САД!“, саркастичен беше Рама во коментарот на Твитер.

„Се надеваме дека нашите стратешки сојузници не се согласуваат по оваа точка. Апсолутно“, додаде тој.

На крајот, смета тој, прашањето останало исто како и пред „овие мирни барикади и непријателски изјави“.

„И додека различните одговори почнуваат на ист начин како во минатото, прашањето ќе остане таму и по следната претстава, кога барикадите мирно ќе ја разбијат монотонијата без решение“, заклучи Рама.

Извор: МИА

- Реклама -