Србија за 11 години изгубила половина милион жители

Според прелиминарните резултати од пописот на населението, домаќинствата и становите во Србија во 2022 година, земјата има 6.690.887 жители, што е за 495.317 (6,9 отсто) помалку од пописот од 2011 година, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што беше наведено на прес-конференцијата на Републичкиот завод за статистика (РЗС), непосредно биле попишани 6.472.570 граѓани, додека од административни извори биле регистрирани 218.317 граѓани кои не биле попишани.

Во регионот на Белград, бројот на жители во однос на 2011 година е зголемен за 1.6 отсто и сега има 1.685.563, додека во регионот на Војводина бројот на жители е намален за 9.4 отсто, кој сега има 1.749.356.

Намалување на бројот на жители е забележано и во регионот на Шумадија и Западна Србија (9.7 отсто), каде во моментов живеат 1.834.791 жители, како и во регионот на Јужна и Источна Србија (9.1 отсто), каде што се регистрирани 1.421.177 жители.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Забележано е зголемување на бројот на индивидуални домаќинства во Србија, па споредено со пописот од 2011 година ги има за 1,3 отсто повеќе, а најголем пораст е забележан во Белград (7.7 отсто).

Во однос на претходниот попис, зголемен е бројот на станови за 12.3 отсто, односно во Белград за 18.6 отсто, Војводина за 5.8 отсто, Шумадија и Западна Србија за 12.8 отсто и Источна и Јужна Србија за 12.7 отсто.

Конечните резултати од пописот, како што најави Дејана Ѓорѓевиќ од РЗС, ќе се објавуваат сукцесивно од април 2023 година до јуни 2024 година.

Пописот е спроведен од 1 до 31 октомври 2022 година, а пописот не е спроведен на Косово.

МИА

- Реклама -