„Не е планирана реконструкција на Владата. Сега е период кога се подготвуваме за идната година. Интензивно ги презентираме буџетите на секое министерство поединечно“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, уште еднаш категорично отфрлајќи ги барањата за предремени парламентарни избори.
„Владата функционира во еден полн капацитет за да се справи со сите предизвици кои ги има државата, а верувајте ми дека ова е мандат 11 месеци веќе којшто е исполнет веќе со големи предизвици со какви што досега не се соочувала ниту една влада, на еконономски, на енергетски план и ајде да кажеме на планот на обезбедување, на непречено функционирање на сите институции со оглед на хибридните закани коишто доаѓаат а кои се резултат на војната која што се води во Украина“, рече Ковачевски.
Прашан дали трибините на СДСМ се вовед во предвремени избори, премиерот и претседател на партијата, повтори дека парламентарни избори ќе има заедно со претседателските во 2024 година.
„Јас сум човек којшто се држи до своите ставови и не менувам ставови како други политичари и избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, а потоа парламентарни избори. И самата анкета (ИРИ) ви покажува дека граѓаните се определени за европска иднина на државата, бидејќи доколку се погледнат внимателно процентите на партиите кои се за европска Македонија и зачленување во ЕУ, и партиите кои што се за блокирање на тој процес, тогаш пак се гледа разлика и можете уште сега да го видите резултатот дека во 2024 ќе имаме претседател на држава којшто е за зачленување на Северна Македонија во ЕУ, а таков можеме да предложиме само ние СДСМ, нормално со коалиционите партнери“, рече Ковачевски.
Тој е убеден дека во 2024 година повторно ќе има Влада која ќе биде предводена од СДСМ и коалиционите партнери, која ќе биде за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување до 2030 година во ЕУ.
Извор: МИА