Подарок кој командантот на полската полиција го добил при неодамнешната работна посета на Украина експлодирал во полициско седиште во Варшава, при што тој и еден цивилен службеник биле полесно повредени, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Полска.
Командантот е задржан во болница поради набљудување, додека за другиот повреден не била потребна хоспитализација.
Експлозијата се случиа вчера наутро, околу 7:50 часот, соопшти министерството, но не откри за каков предмет станува збор, пренесува „Асошиејтед прес“.
Како што посочи полското МВР, командантот на полската полиција во неделата и понеделникот се сретна со раководителите на украинската полиција и Службата за итни случаи.
„Полска побара објаснување од украинската страна“, се вели во соопштението.
Полска е голем сојузник на Украина и ѝ помага од самиот почеток на руската инвазија во разни форми, вклучително и воена и хуманитарна помош, а прифати и голем број украински бегалци.