Лажни се и денешните дојави за бомби во шест училишта – две средни и три основни – во Кавадарци, утврди полицијата по антитерористичките проверки.
Заканата за поставена експлозивна направа, пристигната по пат на електронска адреса, во полициската станица Кавадарци била пријавена околу 7 часот утрово. Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, покрај за засегнатите училишта, информираа дека во село Марена, поради непосредната близина на подрачното училиште, биле евакуирани и децата во градинката. Инаку, првично се работеше за пет училишта, но дополнително од СВР Велес информираа дека закана добило уште едно средно училиште.
„Не станува збор за тоа дека има експлозивна направа, но истата таа вознемиреност што ја споделувавме за Скопје секако дека е и за таму“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој посочи дека МВР денеска поднесе кривична пријава за една од дојавите за бомби во училиштата.
Во однос на дојавите, Спасовски информираше дека, според првичните сознанија, станува збор за домен регистриран во Соединетите Американски Држави. Тоа, оцени министерот, покажува за сериозноста во однос на хибридните напади.
„Кажав дека е тешко да се обезбедат сите докази, бидејќи ова претставува национален криминал. По добивање на какви било информации веднаш е стапено во контакт со надлежни служби со цел да се обезбедат докази и да може да се прекине овој процес“, рече Спасовски.
Извор: МИА