Во војната со Русија досега загинале од 10.000 до 13.000 украински војници, тврди Подољак

Вооружените сили на Украина досега изгубиле меѓу 10.000 и 13.000 војници во војната против Русија, изјави денеска за украинската телевизија Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Имаме официјални податоци од генералштабот, официјални бројки од високата команда и според нив имаме меѓу 10.000 и 12.500 до 13.000 убиени“, изјави Подољак за „Канал 24“.

„Отворено зборуваме за бројот на жртви“, додаде тој, потенцирајќи дека бројот на ранетите е поголем од бројот на загинатите.

Ова е првпат Украина да соопшти бројка за своите загуби од август наваму, кога врховниот командант на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужни, изјави дека околу 9.000 украински војници биле убиени во шесте месеци од почетокот на руската инвазија.

Изјавата на Подољак следува два дена откако претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, во едно свое обраќање, рече дека досега се убиени „над 100.000 украински воени офицери“ – изјава што набрзо беше повлечена со образложение дека бројката е неточна бидејќи се однесувала, всушност, на вкупниот збир на загинатите и на повредените.

Прочитајте и:  Сијарто: Зеленски го вовлекува НАТО во украинскиот конфликт, а тоа значи светска војна

Минатиот месец, највисокиот американски генерал рече дека во Украина руските вооружени сили предизвикале повеќе од 100.000 жртви, вкупно убиени и ранети, и сугерираше дека сличен е и бројот на загубите нанесени од вооружените сили на Киев.

Вчера, пак, во видео интервју, друг советник на Зеленски  – Олексиј Арестович, изјави дека руската страна има околу седум пати повеќе загинати отколку украинската.

Извор: МИА

- Реклама -